На доминантниот карпест планински врв Жапката, што се издига северно над градот Валандово, во периодот од 2012-2017 е истражувано и документирано досега непознато утврдување. За најновите сознанија археологот Игор Ширтовски во интервју за Валандово.мк. Неговото детално истражување е објавено во „Folia Archaeologica Balkanica IV“ посветена на проф.д-р Виктор Лилчиќ Адамс, промовирана на 13.03.2019-та година на Филозофски факултет – Скопје.
Валандово.мк: Што откривте при најновите истражувања на планинскиот врв Жапката?
Игор Ширтовски: Истражувањата открија остатоци од силна фортификација компонирана од три делови и тоа: акропола, подградие и северно предградие, бранети на северната страна со длабок ров. Во рамките на овој комплекс се наоѓала претпоставена, мала ранохристијанска црква, а на соседниот понизок рид на југоисточната страна се наоѓала уште една мала ранохристијанска претпоставена црква. Со темелни теренски истражувања и метод на рекогносцирање, комплексниот кастел на Жапката, со максимална големина од 330х70 метри, претставувал извонредно значаен кастел-спекула за набљудување и примање/препраќање на сигнали за тревога од север кон југ, за известување како на доцноантичкиот град над Валандово, така и за мегалополисот Тесалоника.
Валандово.мк: Кога беше извршено утврдувањето на доминантното-карпесто плато Исар – Жапката?
Игор Ширтовски: Утврдувањето на доминантното карпесто плато Исар – Жапката над Валандово долго време не беше познато се додека во 2012 година професор д-р Виктор Лилчиќ Адамс, не ја организираше првата истражувачка експедиција во која учествував и јас. Тогаш целиот терен беше обраснат со екстремно густ прнар, што одвај успеавме да ја следиме само трасата на одбранбениот ѕид околу акрополниот дел. Внатрешноста на акрополата воопшто и не можеше да се види од густата вегетација. Но тогаш го насетивме југоисточниот ѕид од источната долна станбена тераса. Подоцна во реализација на уште шест исцрпувачки работни денови, успеавме да го согледаме фортификацискиот систем на утврдувањето, неговата егзистенција и функција преку неговата местоположба и визурите кон аналогни кастели на северозапад и на југ, како и преку движните артефакти и недвижните остатоци.
Валандово.мк: Што го привлече вашиот интерес за истражување токму на кастелот на Исар – Жапката?
Игор Ширтовски: Кастелот на Исар-Жапката ми беше голем предизвик поради што посебно се заинтересирав за проблемот на неговата улога во рановизантискиот 6-ти век н.е. На карпестото плато Жапката откривме остатоци од комплексно фортифициран доминантен рановизантиски кастел. Тој се состои од три утврдени сегменти: станбена тераса веднаш под карпестиот сегмент, како остатоци од долг одбранбен ѕид во цврста малтерна, емплектон техника, контури од правоаголна просторија оформени во карпата што овозможуваат да се претпостави дека се работи за одбранбена кула, чии што малтерни ѕидни остатоци за жал не се сочувани и контури на правоаголни простории. Во тесната станбена тераса ориентирана од југ кон север во овој дел беа откриени, еден рановизантиски бронзен крст со проширени краци, што претставувал дел од репрезентативен полиелеј од ранохистијанската црква во кастелот, потоа украсна бронзена апликација од два дела, украсена со листест орнамент, како и многу остатоци на одбранбени ѕидови. Вкупната утврдена површина на кастелот на Жапката мери импресивни 330х70 метри.
Валандово.мк: Како го утврдивте времето на изградбата на сите овие објекти?
Игор Ширтовски: Прелиминарните наоди што укажаа на времето на изградбата на кастелот беа две рановизантиски монети. Апоен од 10 нуми на Јустинијан I (Константинопол) и апоен од 20 нуми на Јустин II (Тесалоника). Успеавме да идентификуваме фрагменти од т.н ребрести амфори карактеристични за 6-ти век н.е. Но откривме уште две рановизантиски монети. Едната е полуфолис на Јустин II искован во Тесалоника. Според тоа, очигледно е дека силниот кастел на Жапката-Валандово бил изграден во 6 в.н.е. и служел за потребите на воена заштита на големиот град што се наоѓа во неговото јужно подножје. Ова утврдување претставувало значајна алка во рамките на рановизантискиот сигнален телеграф на релација од Дунав до Тесалоника.
Валандово.мк: Има ли во близина на градот Валандово и други археолошки локалитети недоволно истражени и проучени?
Игор Ширтовски: На северната периферија на Валандово се наоѓа впечатлив древен град, чии што остатоци чинам дека сеуште се недоволно познати и афирмирани дури и во научната сфера. Иако се работи за грандиозен комплекс археолошки локалитети кој е сѐ уште запоставен и чека сериозни археолошки тимови да го започнат неговото откривање со систематски археолошки ископувања. Остатоците на утврдениот град околу изворот Свети Петар, што се состоел од акропола и долен град, потоа масивната кула на карпестиот срт 300 метри северозападно од челната кула на градската акропола, како и новооткриениот рановизантиски кастел на врвот Жапката, на 900 метри северно од градската акропола, кому што очигледно му припаѓале и некрополата кај Зелениште и репрезентативната вила кај Стакина Чешма во Валандово, недвосмислено упатуваат на еден голем антички и средновековен град.