Во текот на изминатата недела, регистрирани се 7 смртни случаи асоцирани со грип, два од нив со датум на смрт во претходните две недели. Се работи за 3 лица од Скопје, две од Кичево и по едно лице од Ресен и Валандово. Возраста на починатите се движи од 37-82 години.
Кај 5 лица е утврдена претходна хронична болест, односно постоење на ко-морбидитет.
Во текот на 11-та недела од 2019 година (11.03-17.03.2019), во земјава се пријавени 1.573 (I=117,4/100.000) случаи со заболувања слични на грип, што е за 35,2% намалување во споредба со минатата недела (n=2.429).
Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 20,6% споредено со 11-та недела од минатата сезона, а во однос на просекот за 11-та недела од последните 8 сезони, постои зголемување за 2,1 пати.
Најголем број заболени (n=1.003; 63,7%) се пријавени во возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 130,8/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години.