Неделата на музиката и песната во Валандово продолжува и вечерва со познатата македонска фолк пејачка Сузана Гавазова, која ќе настапи на плоштадот, со почеток од 21 часот, на само еден ден пред почетокот на 34-тото издание на „Фолк Фест“ – Валандово.
Гавазова има оставено длабок белег на валандовската фестивалска сцена, а во 2013-та со песната „Умирам по тебе“ ја однесе и првата награда од публиката.
Со концертот на Гавазова се заокружува оф-програмата на „Фолк Фест Валандово“, од која, дел беа и настапите на „Астра Бенд“ со талентираната Пепита Маринкова, како и Ѓоко Јовиќ со „Енерџи бенд“.
Веќе утре, во 21 часот, во салата „Јанко Узунов“ започнува најновото издание на фестивалот со изведба на песни на едни од најистакнатите текстописци низ годините.