Неодамна Општина Валандово го потпиша договорот за Јавно приватно партнерство со чешката компанија „ИЦС Системи”, со чија помош треба да се модернизира јавното осветлување во општината.
Сомнеж за прекршување на договорот од страна на ЕСКО-то се појави кога фирмата „АБА” од Фурка, на Фејсбук објави фотографии од потпишување на договор со „ИЦС Системи” и текст во кој локалната фирма тврдеше дека ќе фигурира како главен изведувач на работите по ЕСКО моделот на јавно осветлување во Валандово. Ова е спротивно од договорот кој Општината го потпиша со „ИЦС Системи” во кој децидно се наведува дека компанијата нема да ангажира подизведувачи.
Од Општината за Валандово.мк потврдија дека договорот не дозволува ангажман на подизведувачи и дека најверојатно се работи за потпишување на договори за работа со физички лица од фирмата „АБА” Фурка, на што „ИЦС Системи” има можност, но сепак подетално ќе испитаат дали постои прекршување на договорот.
Со ова јавно приватно партнерство, ЕСКО компанијата „ИЦС Системи” е обврзана да ги промени сите улични светилки во општина Валандово, со високо квалитетни, модерни и енергетски ефикасни, а ќе се финансира од заштедите кои ќе ги остварува Општината од замената на старите неефикасни светилки.