На 11.01.2019-та година истекува рокот за доставување на документација за јавниот повик за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари, а до 17.01.2019-та година е рокот за јавниот оглас за давање под закуп на државно земјоделско земјиште над 3 хектари, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
МЗШВ преку овие јавни огласи им овозможува на земјоделците доколку имаат информација каде има слободна земја, самоиницијативно да пројават интерес преку изготовка на геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документи пропишани со јавниот повик. Тие само треба да внимаваат земјиштето да не е предмет на денационализација и да не е веќе дадено под закуп.
Целта на повикот е да се стави во функција целокупното расположливо земјиште во државата. Земјиштето е наменето за подигање на долгогодишни насади, оранжерии, долгогодишни насади со лешник, маслинарници, други земјоделски култури за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за брзо растечки дрвја, за рибници и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам, исто така се отвора можност и за изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи како винарници, кланички капацитети, центри за преработка на овошје и зеленчук, откупни центри, млинови, оранжерии и други објекти тесно поврзани со земјоделското производство.
Со јавниот оглас над 3 хектари се опфатени 23 земјишни парцели во 13 региони, меѓу кои и Валандово. На овој оглас кој ќе се спроведе по пат на електронско наддавање, имаат право да конкурираат домашни физички и правни лица и странски правни лица.
МЗШВ ги повикува сите заинтересирани да ги запазат роковите со цел навреме да се заврши целата процедура и да се склучат договорите. Комплетната документација за јавниот повик и за јавниот оглас треба да се достави до Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство.