Вечерва во Гливице, Полска, ќе се одржи Детската Евровизија на која ќе се натпреваруваат 19 млади изведувачи од Европа.
На музичкиот натпревар Македонија ќе ја претставува Мила Москов, која на грандиозната евровизиска сцена ќе носи креација на валандовчанецот Мите Занов.
Мила, вниманието на европската публика, покрај со нејзиниот раскошен глас, го привлече и со својот впечатлив андроген изглед, кој е вечна инспирација за модните дизајнери, па така, својствено за нејзе на сцената ќе се појави во тегет панталони со портокалови моменти кои најверојатно треба да ја отсликаат содржината на песната.
Таа во Гливице Арената ќе ја отпее „Fire”, композиција која голем дел од критичарите ја окарактеризираа како сериозно музичко парче кое е достојно за натпревар и на Евровизија не само јуниорската верзија од фестивалот.
„Fire” e дело на композиторот Лазар Цветковски, а текстот на Магдалена Цветковска.
Последен пат Мите Занов беше актуелен поради Евровизија, лани, кога во спотот за „Lost and found”, песната со која „Ај Кју” не претставуваа на Евросонг, Марија, вокалот во бендот, се појави во мантил од брендот „Занов”.
