Пред неколку ден и официјално беше презентирана н нова колекција од „Занов“, насловена „BLEUE”, наменета за сезоната есен-зима 19/20.
Водечка инспирација е специфична нијанса на сината боја, препознатлива за делата на францускиот уметник Ив Клајн.
„Бојата на небото и морето ме асоцира на длабочина, стабилност и самодоверба. За кроевите во колекцијата, како и за нијансата на сино, наоѓав инспирација од дела на францускиот уметник . Секако делата се доживеани на свој начин, затоа и дизајните се во препознатливата естетика за Zanov. Дел од облеката ги истакнува облините, и ја следи линијата на телото. Колекцијата е многу чиста, едноставна и модерна. Има некои мали акценти кои потсеќаат на 60тите години од минатиот век.“ вели Мите Занов, дизајнерот позади колекцијата.
Палетата на бои е внимателно одбрана. Покрај нијанси инспирирани од препознатливата „интернационална Клајн сина“ боја, застапени се и бела, црна, сребрена и црвена боја.
Колекцијата „BLEUE” вклучува фустани, палта, панталони, комбинезони, ролки и повеќе видови здолништа.
Дизајните лесно можат да се комбинираат меѓусебно. Наменета е за различни прилики. Облеката ја дополнуваат и модни додатоци како хулахопки, мини ташни и појаси за нагласување на половината.
Најуникатните дизајни од колекцијата се целосно рачно изработени, без употреба на машина за шиење. А и во остатокот од колекцијата има рачни детали.
Од сезона во сезона се повеќебројни се ваквите дизајни за чијашто изработка е посветено многу внимание, трпение и љубов.
Овие уникатни креации се веднаш препознатливи и секогаш ги одбираат клиенти со изграден стил кои сакаат да носат несекојдневна облека.
Всушност и клиентите се голема мотивација за креирање на смели дизајнерски решенија. Нивната храброст да се експресираат низ модата дозволува експеримент.











































