Градоначалникот на општина Валандово – Перо Костадинов, на својот фејсбук профил ги најави проектите на кои општината ќе работи во периодот што следува.
Како што соопшти Костадинов, денес општина Валандово објавила јавни набавки за проектите: Изградба на плоштад и парк во Удово и Канализација II фаза во Бојмискиот регион.
Во наредниот период треба да започнат градежните активности и за проектите: Уредување на патот и просторот од Валандово до манастирот „Св.Ѓорѓи“ и реконструкција на детската градинка „Калинка“ во енергетски ефикасен објект.
Во моментов се работи на изградба на улица „Горна Маала“ во населеното место Марвинци, а продолжуваат и процесите за изведба на уште неколку проекти и тоа:
Изградба на пат за поврзување на Горна Маала – Јосифово со регионален пат Р-1105;
Изградба на улица „Вардарска“ во Удово;
Изградба на централна улица во Чалакли;
Изградба на канализационен систем во Раброво и
Реконструкција на фудбалско игралиште во Пирава.