Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување – Аднан Џафероски, денеска одржа прес-конференција на која ја информираше јавноста за новата кампања на Дирекцијата за заштита од пожари, под мотото „Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени“.
„Во периодот од 15-ти јули до 15-ти август 2019-та година ќе се одвива кампања за заштита од пожари, на целата територија на Македонија, преку едуцирање на населението за намалување на заканите од пожари со помош на едукативен прирачник и постери со чекори за заштита во случај на шумски пожари“ – рече Џафероски.
Целта на кампањата не е само да се делува превентивно, туку и едукативно, преку подигнување на свеста на населението за сите можни ризици што пожарите ги носат како катастрофа, бидејќи влегуваме во критичен период во годината за појава на пожари на отворен простор.
Во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство веќе се преземени превентивни мерки; од март, донесена е забрана за движење во шума и шумско земјиште освен за вработените во ЈП „Национални шуми“ и ќе трае до нејзино отповикување.
Под ова мото ќе се одвиваат низа кампањи и за намалување на последиците од поплави, земјотреси и други природни но и катастрофи предизвикани од човекот.